Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, по повод Меѓународниот ден на Ромите упатија заедничка видеопорака до сите граѓани од ромската заедница со честитки за празникот, со кој се слават уникатната традиција и културата на Ромите како значаен дел од светското културно наследство.
Премиерот Заев во својот дел од пораката и честитките повикува сите граѓани на нашата земја да бидат активни и одговорни во придонесот кон создавањето еднакво праведно општество за сите и држава што вложува во своите луѓе, држава што е дел од глобалниот демократски свет.
„Заедно работиме за едноставен пристап до квалитетни социјални услуги, до широки можности за образование и за вработување, за сеопфатно учество на граѓаните од ромската заедница. За оваа интеграција обезбедивме посебни финансии од централниот буџет и од донаторите за квалитетно вклучување на Ромите во сите процеси на нашето општество“, вели претседателот на Владата во видеочеститката по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, во оваа заедничка честитка до ромската заедница по повод празникот истакнува дека денеска, кога Ромите го прославуваат денот на својата химна, знаме и јазик, и кога гордо ги промовираат својата култура и традиција, Општината продолжува понатаму да обезбедува достоинствен живот за сите.
„Ја развиваме Шуто Оризари во модерна локална самоуправа. Заедно ги рушиме стереотипите и градиме светла иднина во едно мултикултурно општество. Ги подобруваме инфраструктурата и заштита на животната средина. Благодарение на заедничките залагања на локалната самоуправа и на Владата оваа година ќе се пушти во употреба новата детска градинка ‘8 Април’, која ќе придонесе за квалитетно предучилишно образование, како и читалница за студентите Роми во рамките на средното училиште ‘Шаип Јусуф’. Градиме нови паркови и обезбедуваме достоинствени услови за раст и развој на нашите деца и млади“, нагласува во честитката градоначалникот на Шуто Оризари, Дудуш.
Премиерот Заев во заедничката порака по повод Меѓународниот ден на Ромите уште потенцира дека тој и Владата внимателно ги следат сите активности за спроведување на политиките за квалитетно вклучување на Ромите во сите процеси на нашето општество и ги охрабруваат припадниците на заедницата на пошироко учество во овие процеси.