23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тевдовски: Нашите приоритети се транспарентно, отчетно и ефикасно управување со јавните средства

„Ни причинува огромно задоволство што имаме можност да бидеме домаќини на над 70 претставници од единиците за хармонизација на јавната внатрешна финансиска контрола од 20 земји од светот. Имаме гости од Јужна Америка, Африка, од земјите од поранешен СССР, Западна Европа, како и од нашето соседство, од Балканот. Овие неколку дена за вас се одлична можност да размените искуства, да остварите контакти и да се поврзете со колегите од други земја, а за нас е одлична можност да се покажеме како добри домаќини и да ви ги покажаме убавините на нашата земја, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски, на конференцијата ПЕМПАЛ.

Според него, оваа конференција доаѓа во вистинско време за нас. „Изминатите две години напорно работевме на реформирање и подобрување на системот на јавни финансии, вклучително и на јавната финансиска контрола. Така што моите колеги ќе може да споделат повеќе новини со вас следните неколку дена. Нашите приоритети се транспарентно, отчетно и ефикасно управување со јавните средства. Внатрешната контрола има значајна улога во ова.

Неодамна Владата го усвои документот „Политика за внатрешна финансика контрола во јавниот сектор“, која претставува стратегија за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во државава. Ние сме прва земја во регионот која има изработено ваква стратегија. Во неа ја дефинираме рамката на современиот, ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола, внатрешна ревизија, централна координација и хармонизација и финансиска инспекција во јавниот сектор. Исто така, во стратегијата предвидовме решенија што ќе превенираат одредени проблеми, кои постоеа во минатото, како: наследивме проблем со заостанати скриени обврски кај институциите, фондовите. Затоа, во стратегијата предвидуваме дополнителни механизми што ќе го спречат тоа во иднина. Стратегијата придонесува и во зајакнување на превенирањето измама и корупција во спроведувањето на јавните набавки. Финансиската инспекција ја затекнавме слабо екипирана и со мал капацитет. Преку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, при што Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства“, додаде тој.