15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тевдовски: Спроведуваме фискални реформи и политики што ќе го подобрат стандардот на сите

Не е доволно само да се криераат политики што ќе создаваат раст на БДП. Потребно е и плодовите на растот да се распределуваат праведно, односно да се зголемува животниот стандард на сите граѓани, а не само на мал дел од нив, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, на годишната конференција по повод Денот на буџетот, насловена „Фискални реформи за праведен раст“.

Тој посочи дека ефектите од мерките кои Владата досега ги презела за праведен раст веќе даваат резултати, како на пример, покачувањето на минималната плата, активните мерки за вработување. Тевдовски истакна и дека Владата вложува во развој на човечкиот капитал, односно образованието, здравството и социјалата, како предуслов за праведен раст.

„Како општество имаме обврска да се грижиме за граѓаните коишто живеат во сиромаштија. Подготвена е социјална реформа, со која се воведува минимален адекватен приход. Со ова ќе станеме прва земја во регионот која ја воведува оваа програма за извлекување од сиромаштија. Вложуваме во темелите на општеството – јавното образование и здравство. Сакаме нашите деца во иднина максимално да го користат својот потенцијал. Само така тие ќе имаат подобра иднина“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии во своето обраќање рече дека јавните финансии се крвотокот на функционирањето на државата. Затоа изминатата година направени се низа реформи за подобрување на системот јавни финансии, како даночна реформа, пензиска реформа, нов и поефикасен систем за јавни набавки. Тевдовски рече дека јавниот долг е ставен под контрола, додека паралелно се решава и проблемот со наследените неизмирени обврски, како и дека е направен систем за да не се акумулираат повторно.

Тевдовски посочи и дека континуирано се работи на подобрување и дигитализирање на услугите кои управите и органите во состав на Министерството ги даваат на граѓаните. Рече дека Управата за јавни приходи, по урнек на модерните европски даночни управи, за првпат воведува електронски претпополнети даночни пријави, со цел граѓаните да не мораат да чекаат во редови. Царината работи на проект за електронско поднесување царински декларации. Управата за имотно-правни работи наскоро ќе го пушти во употреба системот со кој граѓаните на веб-страница ќе може да го следат текот на предметите.

На Конференцијата по повод Ден на буџетот се обрати и амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар. Во рамки на конференцијата на панел-дискусија, покрај министерот за финансии, зборуваа и постојаниот претставник на ММФ за Србија и Северна Македонија, Себастијан Соса, менаџерот за макроекономија, трговија и инвестиции на Светска банка за Европа и Централна Азија, Галина Андронова, и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Абдулменаф Беџети.

Спонзорирано: