22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Силјановска: Одамна предупредив дека преспанскиот договор е удар за химната, а денеска се покажа тоа

Кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова, вечерва се обрати на митингот одржан во Струга.

„Ги слушам зурлите и тапаните и по некој кавал и си велам: тоа ни била судбината, да живееме со ‘Тешкото’ на Конески. Цел живот треба да докажуваме кои сме и зошто сме“, рече Силјановска-Давкова на почетокот од своето обраќање.

Таа истакна дека е многу разочарана што 75 години по АСНОМ, пред денешната средба на премиерите Заев и Ципрас не била интонирана македонската химна со образложение дека авионот задоцнил.

„Да потсетам, целата македонска приказна е во химната, во борбата за правдините, ама денеска премиерот, всушност, го прекрши Законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со двотретинско мнозинство, закон во кој се вели дека на каква и да било официјална средба уште на аеродромот и пред Владата и пред кој било орган мора да се емитуваат, да се чујат химните на двете држави“, рече Силјановска-Давкова потсетувајќи дека кога се носел преспанскиот договор таа предупредила дека следното што ќе биде на удар ќе биде химната.

Сепак, како што рече таа, нејзините приврзаници и нејзиниот табор ќе продолжат да ја пеат химната и во нови победи и нагласи дека победа без химна не бидува.

„Од нас, од граѓаните, извира нивниот суверенитет, не од нив. Значи, сè што е засновано на неуспешниот референдум е правно спорно. Јас не сум тип од нивниот, кој вели и мисли дека кажувам, негирам, заборавам. Не, нам не ни личи тоа. Ние велиме кажуваме, помниме, спроведуваме, така ќе биде и овој пат“, посочи кандидатката за претседател.

Сепак, Силјановска-Давкова нагласи дека доколку биде избрана, нема да може веднаш да поништи сè.

„Тоа не може ни кралица ни крал. Но, што ќе ветам – дека оние што се охрабрија во светот, а тоа се врвни професори по меѓународно јавно и уставно право, ќе ги повикам за совет. Впрочем, ние и ги имаме нивните совети. Вие многу од нивните мислења прочитавте оти ним им се поважни знаењето, правото и правдата од политиканството“, кажа таа.

Вети изготвување стратегија по однос на прашањето за името, но порача дека за тоа најпрвин е потребна победа на претседателските избори.

„Тоа ќе значи вовед во парламентарни избори, а на парламентарните избори сите знаеме кој ќе победи. Тоа ќе биде новата коалиција“, речеСилјановска-Давкова и додаде дека граѓаните набргу ќе се уверат дека не е доволно само да се потпише договор.

„Секој претседател дава некој свој печат на мандатот и јас го почитувам печатот на претходните. Но, иако во женски род, Македонија досега немала жена претседател. Самото тоа е промена, но, се разбира, не мислам јас дека родовата припадност е доволна причина да се стане претседател. Цврсто верувам дека знаењето, умеењето, посветеноста, чувството за право, за конституционализам, ќе ме водат на правиот пат, на европскиот пат“, рече таа во обраќањето додавајќи дека кон Европа не се патува, туку дека таа се гради и препознава внатре во државата.

Силјановска-Давкова пред стружани рече дека како претседател ќе именува најдобри правници во Уставниот суд, ќе именува најстручни луѓе во Советот за безбедност, ќе мисли на најкавалификуван гувернер, ќе доделува одликувања само на најумните, а вето ќе става секогаш кога Уставот ќе биде прекршен.