2. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“

По повод 74 години од првата премиера на сцената на Македонски народен театар – Скопје, на 03 април во 12 часот, во фоајето на театарот, ќе биде отворена изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“.

На сцената на МНТ од самите почетоци (третата поставена претстава е Чорбаџи Теодос, премиера: 16. 08. 1945 година) до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Во секоја од нив на различен начин се третира секојдневнието, традицијата, митовите и приказните. Не само како драмски текстови, но и преку игра, слика – сценографија и костимографија, и дизајн – програмка и плакат. Се конструираат модели на сцена кои интерпретираат и демонстрираат вистинска театарска култура и се спојуваат/истакнуваат наративноста и комуникацијата, наивизмот и бајковитоста, сатирата и реалноста, комиката и фантазијата.

Идејата на оваа изложба е да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на Македонски народен театар – Скопје. Тоа се меѓу останатите Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Дејан Дуковски и други. Низ драмските текстови и подготовката/поставувањето на истите, односно низ експонатите ќе се прикаже патот на еден драмски текст од напишан збор до одигран и изговорен збор на сцена. Оживувањето на драмскиот текст. Истовремено, тоа е и приказ на богатото драмско творештво на македонските автори но и нивниот приказ во различната и обемна сценска продукција. Низ сите авторски дела, создадени се автентични решенија кои македонскиот театар го подигнаа на високо рамниште, како составен дел од одразите и настаните на светската театарска сцена. Ќе се опфати целосното оформување и поставување на драмата на македонскиот автор, од текст до сцена, откривајќи притоа различни сензибилитети и идејни концепти, а во зависност од актуелниот временски и просторен миг.