7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владата со апел поради пожарите: Не палете оган и не фрлајте отпушоци на отворен простор

Владата утрово го осуди палењето на стрништа или оган на отворен простор кои предизвикуваат пожари, и воедно упати апел дека институциите редовно ги следат сите локации низ земјава со цел да се превенираат предизвикани пожари.

Од Владата потенцираат дека лица кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простор и кои предизвикуваат пожари поради палење на стрништа, ќе подлежат на законски санкции.

„Владата на Република Северна Македонија упатува апел до граѓаните да внимаваат при посети на отворени места или при работни активности во шумите и други локации кои се со обрасната или необрасната шума. Поради опасноста од пожари, посебно се предупредува да не се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, меѓи и други површини, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор“, велат од Владата.

Потсетуваат дека поради појавата на шумските пожари, воведена е забрана за движење во шума и шумско земјиште, која ќе трае се до нејзино отповикување. За непочитување на оваа забрана на оние кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

„Забраната не важи за движење во парк шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи, Националните паркови и заштитените подрачја со посебна намена во Република Северна Македонија, кои ќе бидат одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои стопанисуваат / управуваат со шумите, во придружба на преставник од истите“, дополни Владата.

Граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места во кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на телефонскиот број 195, како број за итни повици на Центарот за управување со кризи. Граѓани можат да пријават и лица кои потпалуваат стрништа и оган на отворено во најблиските полициски станици или на телефонскиот број 192.

Од страна на Министерството за внатрешни работи, годинава, за предизвикани пожари поднесени се кривични пријави против 8 сторители. Владата соопшти дека државниот инспекторат за земјоделство и државниот инспекторат за шумарство и ловство вршат постојани контроли на терен со цел превенција од пожари предизвикани од палење на стрништа.