23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Имплементацијата на Законот за јазиците се одвива со задоволителна динамика

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како дел од институционалните средби поврзани со процесот на надзор во спроведувањето на реформите од плановите 3-6-9 и планот 18, оствари средба со членовите на надлежната меѓуресорска работна група, директорот на агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и заменикот на генералниот секретар на Владата, Тахир Хани.

„Законот за јазиците беше дел од планот 3-6-9 и неговата законска имплементација е целосно реализирана, но наша обврска е да ја следиме и фактичката имплементација во институциите, исто како и за сите други реформи предвидени со реформските планови“, истакна Османи изразувајќи притоа задоволство од темпото со кое се имплементира законот.

„Секако дека постојат предизвици и непредвидени состојби, но радува фактот што постои позитивен пристап во отстранувањето на сите пречки применувајќи го духот на законот онаму каде што ќе се појават предизвиците“, истакна Османи.

Османи посочи на повеќето одлуки што ги донела Владата во насока на имплементацијата на законот, како што е самото формирање на меѓуресорската работна група, потоа задолженијата до министерствата за имплементација на законот во рамките на документацијата, формирањето на Агенцијата за спроведување на законот, одлуката да ѝ се доделат простории на Агенцијата, како и голем број други мерки со кои се спроведува законот.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, истакна дека со имплементацијата на Законот за употреба на јазиците се обезбедуваат правата на граѓаните што природно им следуваат, а секое право треба да им служи на луѓето. Тој како носител на меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците рече дека имплементацијата на овој закон е позитивно прифатена од сите институции и дека Владата дава институционална и техничка поддршка, како и преку препораки за целосна имплементација на овој закон.

Директорот на агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, изрази радост што на денешната средба со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, го презентирал досегашното функционирање на Агенцијата и истакна дека има подготвеност таа да почне со работа со полн капацитет.

Институционалните средби за надзор на имплементација на реформите од планот 3-6-9 и планот 18 продолжуваат и натаму, а според најавата, веќе утре Османи е на средба со членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги како една од важните институции во спроведувањето на реформите поврзани со медиумските слободи во пресрет на претседателските избори.