Управата за јавни приходи информира дека досега е реализиран поврат на персонален данок на доход за 16.100 земјоделци во вкупен износ од 76.745.269 денари за приходи остварени од продажба на сопствени земјоделски производи во текот на 2018 година.
Исплатата е реализирана кај земјоделците што пријавиле валидни трансакциски сметки. Земјоделците што ги исполнуваат условите за поврат на персонален данок од доход, а не ги ажурирале своите трансакциски сметки, ги повикуваме тоа да го направат во најкус рок во најблиските подрачни единици на Управата за јавни проходи.
Со измените во Законот за персоналниот данок на доход, право на поврат на персонален данок на доход остваруваат земјоделците на кои земјоделството им е основна дејност, немаат остварено приходи по друг основ, односно кои оствариле приходи единствено од продажба на земјоделски производи до 1 милион денари, не се ДДВ-обврзници, не се во работен однос и не остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа.
Според првичните податоци од евиденциите на УЈП и Министерството за земјоделство, правото на поврат на персонален данок од доход го остваруваат околу 17.000 земјоделци. На почетокот на 2018 година Владата на Република Северна Македонија го измени Законот за персоналниот данок на доход, со што се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходните 300.000 денари на 1.000.000 денари. Дополнително, со законските измени значително се поедноставија даночните постапки за земјоделците, како поднесување барања за регистрација и плаќање административни такси.