По новиот случај на потврдено присуство на болеста африканска свинска чума кај заловена дива свиња во реонот на Благоевград во соседна Бугарија, која од страна на бугарските ветеринарни власти била пријавена во Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ на 17 овој месец, со цел спречување појава и ширење на болеста и во нашата земја, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги потсетува одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да се почитуваат донесените решенија за спроведување заштитни мерки, кои ги пропиша Агенцијата, бидејќи опасност од појава на болеста сè уште постои.
„Упатуваме апел до граѓаните од пограничните региони со соседна Бугарија и ловните друштва до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар задолжително да пријават доколку забележат пцовисана дива свиња бидејќи преку труповите во кои вирусот опстојува долго време, можно е ширење на болеста меѓу популацијата диви свињи. Концесионерите на ловишта да продолжат да спроведуваат засилен надзор во ловиштата и санитарен отстрел со земање мостри за испитување присуство на болеста од секоја застрелана свиња.
Лицата што биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот. Одгледувачите на свињи во селските домаќинства да ги одржуваат и развиваат биосигурносните мерки на фармите. Свињите да се чуваат затворени, да се води евиденција за нивното движење и да се ограничи пристапот на лица и/или возила на фармите. Неопходно е да се преземаат мерки за чистење и дезинфекција на објектите, опремата и возилата и контрола на штетниците и векторите на фармите“, предупреди АХВ.
Оттаму додаваат свињите да не се хранат со помии, односно кујнскиот отпад треба задолжително и нештетно да се уништи. За секое движење животните треба да се придружени со валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Исто така, превозните средства треба да се исчистат и дезинфицираат пред да се натоварат или истоварат животните. Пред и за време на превозот животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни на болеста што немаат познат здравствен статус.
Агенцијата апелира свежото месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нуспроизводите да не доаѓаат во контакт со приемчивите животни. Засилена контрола на документацијата да се врши на добиточните пазари и собирните центри. Строго е забрането продавање животни надвор од добиточните пазари.