23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Мотивацијата и храброста на Јане е инспирација за олеснување на животот на луѓето со ретки болести

„Покажавме дека ако се сака, сè се може, мораме да наоѓаме начини да им помогнеме на нашите деца, на младите, да видат дека државата се грижи, дека е тука за нив, да им помогне и да останат тука, заедно со своите роднини и пријатели да ја градат нашата иднина“, му рече премиерот Заев на младиот Јане Велковски на денешната средба во Владата, на која присуствуваа и неговите родители и министерот за здравство, Венко Филипче.

Единаесетгодишниот Јане е едно од седумте лица со спинална мускулна атрофија (СМА) за кои државата го обезбеди лекот „спинраза“, најсовремена терапија во светот за лекување на оваа болест и тој веќе прими две терапии од лекот, кој, како што информираа неговите родители, има одлични резултати за запирање на прогресијата на болеста. Јане Велковски на јавноста ѝ е познат и како говорник на глобалниот самит во Обединетите нации во Њујорк по повод Светскиот ден на детето, каде што како претставник на децата од нашата земја упати порака дека сите се еднакви и треба така и да го живеат животот, без бариери и ограничувања.

Јане порача дека навистина е среќен што се лекува во својата земја и изрази задоволство дека не се исполнил предлогот на неговите родители да се иселат од земјава во потрага по лекот за неговата болест.

Јане на премиерот Заев му подари топка на која се испишани целите на УНИЦЕФ и заедно со министерот Филипче разговара за впечатоците од учеството на самитот на УНИЦЕФ во Њујорк и средбите со славни личности. На премиерот Заев и министерот Филипче им подари и врамени фотографии од тие официјални средби со посвета.