23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски: Ви ветувам дека на 12 април ќе го поразиме криминалот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати пред граѓаните на општина Ѓорче Петров во рамките на кампањата „Разговори за обнова на Македонија“ и порача дека за време на посетите на македонските населени места се соочува со луѓе полни со разочарувања од актуелната состојба во државата.

„Луѓето не веруваат дека ќе имаат иднина во оваа држава, разочарани се, а има и такви што практично едвај крај со крај трпат да го поминат месецот“, рече партискиот лидер.

Во продолжение тој рече дека има многу неисполнети ветувања од страна на актуелната власт, а како пример ги наведе загедениот воздух и најавените реформи во образованието.

„Денеска, три години потоа не само што не го дишеме ветениот алпски воздух, не само што не го дочекавме тоа лажливо ветување, туку денеска Скопје соборува рекорди на светската скала на најзагадени градови. Никој од вас не ги тераше да ветуваат студентски градови и реновирани студентски домови, образование што младите луѓе ќе го добиеле како своите врсници во Европа и во развиениот свет, па таа младинска гаранција. Па дополнителни стимулации за младите земјоделци и што ли уште не. Лага до лага. Таква е денеска реалноста, нема ниту студентски град, ниту реновирани студентски домови, а за квалитетно образование не станува ни збор“, порача Мицкоски пред присутните.

Тој посочи и дека денес не само што се празни македонските села туку младите ги напуштаат и градовите.

„Излегуваат статистики на светските листи, 2018 година е рекордна година на иселување граѓани од Македонија, повеќе од 33.000 наши сограѓани трајно ја напуштија Македонија. Зошто? Затоа што нема перспектива, затоа што се разочарани, затоа што се исплашени за иднината на своите семејства, на своите најмили, на своите дечиња, внуци. Тоа е главниот проблем“, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Зорен Заев не избирал зборови и ветувања само за да дојде до фотелјата за да може, како што рече, да го избрише своето криминално минато.

„За случајот ‘Поткуп’ целата држава и меѓународната заедница гледаa како бара мито за работа што како градоначалник мора да ja заврши и што сега ќе ме убедува дека бил невин, дека тоа што сме го гледале – не сме го гледале, тоа што сме го слушале – не сме го слушале. Еднаш криминалец – цел живот криминалец, ама криминалот ќе биде поразен на 12 април 2020, јас ви ветувам“, истакна Мицкоски.

Тој пред присутните граѓани од Ѓорче Петров зборуваше и за иницијативата за проверка на потеклото на имотот на политичарите, но рече дека за ова нема одговор од страна на власта.

„Ајде заедно да донесеме закон во парламентот каде што ќе се испита потеклото на имотот на сите политичари и еве јас се пријавувам како прв доброволец, од мене да почнат. Ајде да почнеме да видиме кој од политичарите и како го стекнал сопствениот имот. Да видиме кои семејства стократно или илјадакратно во рок од неколку години го имаат зголемено својот имот, да видиме врз основа на што го зголемиле својот имот, еве јас и моето семејство да бидеме први како пример. Нормално дека нема одговор затоа што знаат дека не се чисти, затоа што знаат дека толку бргу и толку многу не се стекнува имот со чесна и честита работа, туку со работи што се секакви, само не чесни и честити“, кажа Мицкоски.

На крајот, порача дека како политичар е свесен оти на народот му е преку глава и сака политичките измамници да си заминат и додаде дека затоа е сигурен во огромна победа на 12 aприл.