Секоја година од маларија заболуваат милиони луѓе, а од болеста просечно умираат по 400.000, од кои повеќето деца од Африка, пишува во најновиот извештај на Светската здравствена организација.
Причината за ваквата црна статистика е тоа што, според СЗО, борбата против оваа инфекција е во застој. СЗО предупредува дека средствата кои се собираат против оваа болест, од која на секои две минути умира по едно дете, е во стагнација, а се предупредува и дека половина од светската популација се наоѓа под ризик да биде заразена од маларија.
Во извештајот на СЗО се вели дека бремените жени и децата во Африка продолжуваат да го носат товарот на епидемијата на маларија.
Околу 11 милиони бремени жени во субсахарска Африка, 29% од сите бремености, биле заразени со маларија во 2018 година, што доведува до тоа скоро 900.000 деца да се родат со мала тежина и со опасности по нивното здравје.
Светската организација ги повика државите донатори и владите на земјите кои најмногу се погодени од оваа болест која ја пренесуваат комарци да ја зајакнат борбата против неа.
„Светот покажа дека може да биде направен напредок. Но напредокот е значително забавен“, изјавил Педро Алонсо, експерт за маларија од СЗО.
Тој ја поткрепил својата изјава со податоци од СЗО според кои бројот на заболени во 2010 од 239 милиони паднал на 214 милиони во 2015 година.
Бројот на срмртни случаи од 607.000 во 2010 паднал на 500.000 во 2019 година.