25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска на средба со пензионерите во Штип: Околу 900 денари повеќе за пензионерите во 2020 година

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот на ПИО, Шаип Зенељи, денеска се сретнаа со пензионерите во Штип со кои разговараа за зголемувањето на пензиите и други актуелни прашања. Министерката лично ги информираше за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година кое ќе изнесува околу 900 денари со пресметаните дополнителни усогласувања.

„Ова е најголемо покачување во последните 20 години. Од почетокот на следната година секој пензионер ќе добива дополнителни 700 денари, со новото законско решение со кое пензиите ќе пораснат согласно со растот на платите во државата. Со усогласување на пензиите со трошоците на живот пензионерите ќе добијат и дополнителни 160-200 денари. Што значи пензиите само во 2020 ќе се зголемат за 900 денари“, рече Царовска на средбата во Штип.

Царовска истакна дека пензиите се покачуваат во време кога дефицитот на ПИОСМ е намален, а растот на приходите кои се слеваат во Фондот расте.

„Во години на раст на минимална плата над 15 проценти, и на раст на просечна плата за 5 отсто, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5 проценти“, рече Царовска.

На средбата во Штип присуствуваа и градоначалникот на Штип Благој Бочварски, претседателката на Сојузот на здрженија на пензионери Станка Трајкова и Ристо Нетков, претседателот на штипското здружение на пензионери.