27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Едуард Кукан: Тешко е да се работи со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не сакаат да се променат, Заев го следи интересот на граѓаните и државата

Едуард Кукан, европратеникот од Европската народна партија од Словачка на големиот Форум на поврзаноста (Connectivity Forum) во Тирана беше прашан како се чувствува што ВМРО-ДПМНЕ им е сестринска партија.

Според извори на FRONTLINE.MK, одговорот на Кукан е дека, за жал, не може да се бираат браќата и сестрите и многу е тешко да се работи со нив, бидејќи не сакаат да се променат. Воедно, тој се изрази пофално за премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, велејќи дека тој го следи интересот на граѓаните и државата, а не теснопартискиот интерес.

Ова се надоврзува на сознанијата за меѓународната изолација на ВМРО-ДПМНЕ за кои е пишувано уште во мај годинава.

Така, на пример, сега е веќе познат, иако премолчуван факт, дека институционалната поддршка што ВМРО-ДПМНЕ ја добиваше од Конрад Аденауер, политичката фондација на германските демохристијани, владејачката ЦДУ, е целосно прекината речиси една година. Но, заладувањето на односите се бележи уште во 2014 година, за опомените да станат сѐ појасни во текот на наредните години, особено во 2018 година.

Комуникацијата и поддршката сега се прекинати во целост. Иако од партијата за ова се молчи, внатрепартиски извори сведочат дека ова е силен удар врз најголемата опозициска партија во земјава. Тие наведуваат дека причините за прекинот на соработката и поддршката се содржат, пред сè, во антизападната ориентација и дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, пишува порталот.

Понатаму, во меѓународните политички кругови се констатира отсуство на волја кај претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, да се согласи на внатрепартиски реформи и дека одбива да се дистанцира од експремиерот Груевски, инаку и почесен претседател на партијата, односно неволност да се дистанцира од криминалот и насилството што беа одлика на владеењето на неговата партија.

Мицкоски, се вели во неофицијалните брифинзи во текот на оваа година, манифестира крајно неодговорен однос кон македонските демократски и интеграциски процеси. Како причина за оваа „екскомуникација“, внатрепартиските извори го наведуваат и добро познатиот начин на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ по заминувањето во опозиција.

Мицкоски е во немилост на меѓународната заедница од истите причини поради кои и Конрад Аденауер ја прекина институционалната соработка и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Највисоки владини претставници на водечките држави во ЕУ веќе ги избришале Мицкоски и неговата партија од своите агенди, сметајќи дека тој, со своето неодговорно однесување, како што пренесуваат неофицијални дипломатски извори, може да смета дека тој може долго време да биде лидер само на опозициска политичка партија која, притоа, е и меѓународно изолирана, пишува Frontline.mk.