24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Северна Македонија за лицата со хемофилија ќе го овозможи најновиот лек со потврдена ефикасност

Викендов во Скопје се одржа годишна конференција за хемофилија во организација на Европскиот конзорциум за хемофилија (European HaemophiliaConsortium-EHC), интернационална непрофитна организација која застапува 46 национални пациентски организации на лицата со хемофилија и други вродени болести на системот за коагулација од 27 земји членки на Европската Унија и повеќето земји членки на Советот на Европа.

Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, потенцираше дека се зголемени количините на рекомбинантни фактори како и тоа дека министерството воведе нова иновативна терапија, со што се зголеми квалитетот на живот на пациентите со хемофилија.

Северна Македонија е прва земја од регионот која не е членка на ЕУ, која ќе го овозможи најновиот лек, emicizumab, лек со потврдена ефикасност при континуирана профилакса на лицата со хемофилија. Министерството изготви и стратегија за справување со оваа група нарушувања, низ рана дијагностика, редовна контрола, терапија и превенција на пациентите.

На годишниот состанок на Европскиот конзорциум за хемофилија кој за првпат, оваа година, се одржа во Скопје, беа присутни повеќе од 400 делегати, експерти од областа на хемофилијата и претставници на граѓанските организации од нашата, но и многу други европски земји, а конференцијата официјално ја отвори претседателот на Европскиот конзорциум за хемофилија БрајанО’Махони.