24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Милевски во Истанбул: Западен Балкан треба активно да ги решава локалните проблеми

Eкономскиот развој, стабилноста, владеењето на правото и одливот на младите се главните проблеми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан, порача министерот Горан Милевски на Мармара Урбан Форум во Истанбул, Турција.

„Министерството ја поддржува иницијативата на Намас во Берлинскиот процес да бидат вклучени и единиците на локална самоуправа и нивните асоцијации. Наш предлог е работните средби на општините да станат интегрален дел на Берлинскиот процес и истите да се одржуваат постојано, како и да се организираат Форуми на локалната самоуправа на кои ќе дебатираат претставниците на општините и асоцијациите на локалната самоуправа.

Исто така преку вмрежувањето на министерствата за локална самоуправа и регионален развој од регионот ќе овозможиме да се зголеми соработка помеѓу државите во насока на решавање на заедничките проблематики на земјите од Западен Балкан. Соработката преку поддршка на ИПА програмите е задоволителна но таа мора да се прошири во повеќе области”, истакна Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Македонија е копретседател со Берлинскиот процес и таа позиција треба да се искористи за наметнување на теми и иницијативи кои ќе бидат од интерес на сите граѓани.Министерот го поздрави и намалувањето на цените на роамингот до негово целосно укинување помеѓу земјите од Западен Балкан.

„Процесот за укинување на роамингот меѓу земјите кои не се членки треба да продолжи со опфаќање и на земјите кои веќе се во ЕУ. Рушењето на ценовните бариери за комуникација помеѓу граѓаните и бизнисот треба да биде почеток на надминување на сите препреки кои стојат на патот на соработката помеѓу нашите земји“, додаде Милевски.

Тој по покана на Мармара Урбан Форумот во Истанбул насловен како ,,Градовите развиваат решенија” престојува заедно со претседателите на Советот на општините Липково и Центар, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски како и пратеникот Енес Ибрахим. На Форумот учествуваат претставници на локалната самоуправа од општините во Турција како и од општини од 25 други држави.