24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Звуци од грамофонски плочи денеска во МКЦ

Со почеток во 14 часот во МКЦ, љубителите на грамофонски плочи ќе го означат почетокот на третата винил- конвенција кај нас – „Skopje Vinyl Convention“.

На програмата се сетови од 60 диџеи, кои на 4 сцени ќе ги забавуваат посетителите со музика од винилни изданија.

Пасионираните љубители велат ќе дојдат и пред официјалниот почеток, како би можеле да „ископаат“ некоја уникатна плоча од триесетината плочари, колекциониери и дилери, пред некој друг да им ја купи.

Организаторите, „Фанки фреш“ најавуваат и панел дискусии, промоции, филмови, а за најмалите ќе биде обезбеден специјален дел за дружење и игра. Обезбеден е и посебен дел со храна и пијалаци, а влезот за настанот кој ќе трае до раните утрински часови е бесплатен.

„Ги покануваме сите љубители на винилот и на добриот звук да ни се придружат денес во МКЦ. Оваа година имаме повеќе изложувачи и дилери од претходните, но имаме и одлична програма, буквално за сите“, вели Гоце Трпков (DJ Goce) еден од организаторите на конвенцијата.

Во рамки на конвенцијата ќе се одржи и настанот „Историја на Македонската винил продукција“, во рамки на која со музичка програма ќе настапат ПМГ Колектив, после што ќе има дискусија на темата, а ќе биде прикажан и музичкиот документарен филм „103 Љубовно писмо до алтернативната култура“.

Музичкиот дел на настанот ќе го збогатат двократниот светски шампион DJ Woody од Велика Британија, како и легендата од Хамбург- Mirko Machine (Германија) и Naughty NMX (Германија).

Деталната програма може да се најде на официјалните Facebook и Instagram профили на Skopje Vinyl Convention.