24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обвинение против ексградоначалник на Демир Хисар, незаконски вработувал луѓе

Битолското обвинителство поднесе обвинение против три лица за незаконски вработувања. Обвинети се поранешен градоначалник на Демир Хисар, раководител на Центарот за вработување и соработник за услуги за поддршка за вработување во Центарот за вработување Демир Хисар. Тие се осомничени за злоупотреба на службена положба и за несовесно работење во службата.

„Обвинетиот градоначалник со пречекорување на границите на своето службено овластување и неизвршување на својата службена должност за совесно и законито работење и доследно почитување овозможил вработување на три лица како административни службеници во Општина Демир Хисар на определено време спротивно на одредбите пропишани во Изборниот законик“, велат од Обвинителството.

Вработувањата биле извршени по донесена Одлука за распуштање на Собранието и Решение за распишување на предвремени парламентарни избори за пратеници во Собранието, објавена на 11.12.2016, по која не може да се започне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Вработувањата за кои донел одлука обвинетиот градоначалник, а истата ја спровел второобвинетиот, се однесувала на работни задачи кои немале итна природа. Вработените лица биле ангажирани на определено време за работа на проекти, за чија реализација општината донела одлука дури подоцна, на 59. седница на Советот на Општина Демир Хисар одржана на 29.12.2016 година.

Третото обвинето лице делото го сторило поради тоа што не презело дејствија за проверка на поднесена пријава за вработување, па иако за работните места на кои се вработуваат лицата биле потребни три одделни пријави, тој извршил евидентирање на вработувањата врз основа на поднесена една пријава која се однесувала за сосема други работни места.