Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел оствари работна средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини.
„Се наоѓаме буквално на 30 дена од големата одлука за почеток на преговорите, со што ќе се стави точка на заедничките напори изминативе две и пол години за враќање на европската агенда во Република Северна Македонија, како и враќање на процесот на проширување високо на агендата на Унијата“, изјави Османи на средбата пренесувајќи ја благодарноста на Владата за несебичното залагање на високата претставничка за севкупниот успех на овој процес.
„Ве уверувам дека и во овој кус период што ни претстои, буквално херметички ќе ги затвориме сите евентуални можности за изговор или скептицизам кај земјите членки и со тоа заслужено ќе ја обезбедиме одлуката за почеток на преговорите“, истакна Османи.
На средбата Османи реферира и за последните актуелности во земјата, особено во областа на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција. „Без разлика што не претставува формален услов за одлуката во октомври, владеењето на правото останува наша постојана одредница за која ве уверувам дека нема да има никакви отстапки ниту од аспект на институционалната поставеност за борбата против криминалот и корупцијата ниту по основ на континуираниот ‘трек – рекорд’ во спроведувањето на владеењето на правото“, истакна Османи.
Работната посета на Брисел е дел од турнејата на вицепремиерот Османи за посета на метрополите на земјите членки на ЕУ по што следуваат посетите на Берлин и Варшава кон крајот на неделата.