24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Инвеститорите вложуваат уште 500 милиони евра во Порто Монтенегро

Во проектот наутичка населба и марина Порто Монтенегро досега се инвестирани повеќе од 560 милиони евра. Данило Калезиќ, менаџер за односи со јавноста на Порто Монтенегро, проценува дека ќе бидат инвестирани уште 500 милиони евра во наредните 15 години.

„Треба да имаме предвид дека градиме само на една четвртина од она што треба да биде на 24 хектари, што некогаш му припаѓало на Арсенал. Верувам дека во следните 15 години можеме да зборуваме за дополнителни 500 милиони евра инвестиции, тоа е тешко да се предвиди, бидејќи студијата за локации допрва ќе се усвојува“, рекол Калезиќ.

Според него, во Порто Монтенегро моментно се реализираат два проекти вредни десетици милиони евра.

„Во моментов завршуваме две административно-станбени згради, зградата Бја, која е продолжение на хотелот ‘Риџент’. Паралелно, ја завршуваме зградата наречена Елена, вредна 20 милиони евра и повеќе, што ќе биде отворена ова лето“, рекол Калезиќ.

Намерата е, додал тој, да се интегрираат Тиват и цела Бока со Порто Монтенегро, со цел да се привлечат клиенти и потенцијални гости.