Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го раздвои постапувањето по кривичната пријава од Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција, против 6 физички и едно правно лице – Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „Те-То“ АД Скопје.
Според наводите од пријавата, тројца осомничени се товарат за кривично дело перење пари и други приноси, другите тројца за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Освен за злоупотреба на службената положба и овластувањето, еден од осомничените, како и правното лице, е пријавен и за кривично дело лажен стечај.
„По сеопфатна анализа и проучување на наводите, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе одлука со која кривичната пријава во дел е доставена на натамошно надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје, а во другиот дел е издадена наредба за претходно прибирање известувања до Управата за финансиска полиција за прибавување потребни материјални докази како потврда на наводите“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Од таму објаснуваат дека во кривичната пријава е наведено оти тројца од осомничените со пречекорување на своите службени овластувања, секој во рамките на своето постапување, предизвикале несолвентност на пријавеното правно лице.
„Без соодветна одлука на Управниот одбор, на Надзорниот одбор или на акционерското собрание, неовластено биле склучени анекси на договори за заем, нотарски спогодби и е поднесено барање за отворање стечајна постапка со план за реорганизација во име на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ‘Те-То’ АД Скопје. Потоа било донесено решение за усвојување на предлогот за отворање стечајна постапка. Воедно, биле заверени анекси на договори за заем и нотарски спогодби со извршни клаузули, со што е овозможено пријавеното правно лице да стекне противправна имотна корист, а на ‘Топлификација’ АД Скопје – доверител на правното лице, му е нанесена штета од 721.683.587 денари. Со ваквите дејства, според наводите од пријавата, осомничените сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, а еден од нив, како и пријавеното правно лице, и кривично дело лажен стечај“, се наведува во соопштението.
Обвинителството цени дека кривичните дела што им се ставаат на товар на овие пријавени лица не се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поради што кривичната пријава во овој дел е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје заради натамошно постапување.
„Во продолжение на поднесената кривична пријава се опфатени уште три лица со наводи дека како одговорни лица во пријавеното правно лице во периодот од 2005 до 2013 година овозможиле финансиски трансакции кон пријавеното правно лице во износ од 7.964.250.000 денари, кои парични средства потекнувале од кривично правен настан за кој се водела кривична истрага во Руската Федерација. Парите биле вложени во производствениот процес за електрична енергија поради што постоело основано сомнение за сторено кривично дело перење пари и други приноси“, се објаснува во соопштението.
Во врска со ваквите наводи Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција издало наредба за претходно прибирање известување до Управата за финансиска полиција заради прибавување докази кои недостигаат во кривичната пријава.
„Пријавата не содржи докази со кои се поткрепуваат наводите дека се води или се водела кривична истрага во Руската Федерација, а со кои докази се утврдува постоењето предикативно кривично дело, односно законски забрането дејство, кое е или мора да биде содржано во друго кривично дело. Нема услови за кривично гонење за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело додека не се утврди предикативното кривично дело“, велат од Обвинителството.
Покрај тоа, побарано е да се достават и конкретни информации и материјални докази за начинот, периодот на сторување и износот во кој секој од пријавените го сторил кривичното дело што му се става на товар.