Министерството за информатичко општество и администрација и Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во владата на Република Србија денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се осврна на важноста од дигиталната трансформација за подобрување на животот на сите граѓани преку едноставни алатки за пристап до услугите што им се потребни.
„Заложбите на Владата за транспарентност, ефикасност при испорака на услугите и отчетност во работењето на институциите се причина поради која донесовме одлука дека е неопходно менување на веб-страниците на Владата и сите министерства. На овој начин ја реализираме и мерката на која сме се обврзале во стратегијата за реформа на јавната администрација, а тоа е подобрена достапност на институциите за сите граѓани“, истакна министерот Манчевски.
Како што рече тој, веб-страниците на институциите се со застарен дизајнерски пристап, се фокусираат само кон вести и соопштенија и не се сервисно ориентирани, односно нудат многу малку услуги за граѓаните. Најчесто не исполнуваат задоволителни стандарди за безбедност, не се пристапни за луѓе со попреченост и не дозволуваат унапредување и посериозно редизајнирање.
Целта што треба да се постигне е новите веб-страници да бидат сервисно ориентирани и насочени кон информирање на граѓаните за работата на институциите, но и за зголемување на транспарентноста преку активно објавување стратешки документи и информации од јавен карактер. Тоа значи дека веб-страниците ќе бидат место каде што граѓаните првенствено нема да се информираат за активностите на министрите, како што е тоа случај сега, туку ќе ги добиваат потребните информации за услугите што им се потребни.
„Во овој процес наидовме на поддршка од Република Србија, односно од Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, која поминува низ сличен процес на трансформација на веб-страниците. Меморандумот за соработка што денеска го потпишуваме има цел размена на знаење и презентација на нивниот концепт. Крајна цел е преку учење од нивното искуство да создадеме веб-страници кои целосно ќе одговараат на потребите на нашите граѓани“, информира министерот Манчевски.
Директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, Михаило Јовановиќ, изјави:
„Размената на знаења, идеи и искуства, но и регионалното поврзување и овозможувањето на електронските услуги внатре во регионот, е од непроценливо значење за понатамошниот развој на Западен Балкан. Во екот на четвртата индустриска револуција целокупниот регион има можност, ако сме паметни, разумни и посветени, да го надоместиме пропуштеното и базирајќи се на иновациите, знаењето и примената на новите технологии, да создаваме подобра иднина“.
Јовановиќ додаде дека меморандумот за соработка на двете земји во областа на дигиталната трансформација, што беше потпишан денеска, е резултат на добрата соработка меѓу премиерите на Србија и на Северна Македонија, Ана Брнабиќ и Зоран Заев, од една страна, и видливите резултати на владата на Србија на полето на дигитализација на јавната управа и иницирањето на проектот „Србија дигитализира“, од друга.