24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ХОПС: Дисперзијата на програмите за лекување зависности најдобро ќе одговори на потребите на клиентите

Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје ја поздравува одлуката на Министерството за здравство за почеток на дисперзија на програмите за лекување зависност, односно децентрализација на третманот на повеќе локации во Скопје.

„Базирано на нашето 20-годишно искуство и добрите примери од други земји, долго време препорачувавме дека дисперзија на лекувањето во секоја скопска општина најдобро ќе одговори на потребите на клиентите. Повторуваме дека пристапот до лекување зависности блиску до местото на живеење е право, а не привилегија, исто како и за секоја друга здравствена состојба. Очекуваме дека најавената дисперзија ќе придонесе кон промена на сликата која често се асоцира со програмите за лекување зависности, во кои се концентрирани неколкукратно повеќе пациенти од капацитетот на програмата. Намалување на бројот на пациенти на една локација ќе го подобри квалитетот на лекувањето, што е во интерес и за самите пациенти и за граѓаните“, велат од Здружението.

Од таму упатија апел до надлежните да вложат напори за обезбедување технички и кадровски капацитети за унапредување на психосоцијалната компонента од лекувањето, која треба да стане неразделна од фармаколошкиот третман со супституциска терапија, а со цел успешна рехабилитација и ресоцијализација на луѓето што се лекуваат од болести на зависност.

„Се надеваме дека дисперзијата ќе биде направена во согласност со реалните потреби на пациентите и ќе бидат разгледани опции за овозможување третман на зависности на дополнителни локации што не се предвидени сега, според потребите. Очекуваме процесот да биде транспарентен, со вклученост на пациентите, здруженијата на граѓани што работат на оваа проблематика и другите засегнати страни“, велат од ХОПС.