23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

NUMB – Tribute to Pink FLoyd со нов концерт на 18 јули во Охрид

Повторно е време за најголемите хитови на култната англиска четворка, во рамките на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd, настанот кој го одбележа минатото лето во Охрид.

По „Долни сарај“, следи нов настап на плажата „Cuba Libre“, во четврток, на 18 јули 2019 година, со почеток по 21 часот.

Ноќта ќе биде посветена на еден од најголемите и највлијателните рок бендови воопшто во музичката историја, легендарните Pink Floyd. Посетителите ќе можат да уживаат во 16 безвременски хитови на Pink Floyd, пропратени со спектакуларно видео и лајт шоу.

Зад проектот стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (сајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали. Ќе се изведат некои од највредните дела на култните Pink Floyd како „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 од најголемите хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација.

Pink Floyd е една од највлијателните и најуспешни рок-групи на сите времиња. Со својата квалитетна мелодика и извонредна хармонија си обезбеди почесно место во историјата на рокот, и е на самиот врв на светската музика. Ако за некоја музичка група може да се каже дека ги премостила психоделичниот рок од 60-тите години на 20 век и електронските рок-експерименти од 70-тите години, сигурно, тоа се секако култните Pink Floyd.