Невремето што вчера зафати повеќе населени места од Прилепско зад себе остави катастрофални последици, информираат од Општина Прилеп. Штети на земјоделските површини се направени во атарот на селата Канатларци и Ерековци, како и во други населени места. Оштетени се нивите со тутун, бостан, житни култури и пипер.
„Вчерашното невреме, кое беше проследено со пороен дожд и град, направи штети во атарите на населените места Канатларци и Ерековци, како и во другите населени места во овој регион. Најмногу се оштетени тутунопроизводителите, но штета има и во земјоделските посеви на житото, бостанот и пиперот. Комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп е веќе формирана и уште од денеска сите оштетени земјоделци може да достават барања за направената штета, а веќе од утре комисијата да излезе на терен и да направи процена“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Заедно со градоначалникот Јованоски во посета на погоденото подрачје беа и раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски, и претседателот на Комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп, Жарко Северкоски.
Пачешкоски рече дека комисијата за утврдување штети е веќе излезена на терен и побара од земјоделците веќе од утре во Општина Прилеп да доставуваат барања, имотен лист од нивите, копии од трансакциска сметка и лична карта.
„Од утре во Општина Прилеп треба да достават трансакциска сметка, копија од лична карта и имотен лист. Сè што може, ќе направиме за да бидете соодветно обесштетени“, изјави Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната единица за земјоделство.
„Формирана е комисија за посебна процена на штетите и како што веќе истакна градоначалникот Јованоски, од денеска земјоделците може да доставуваат барања во Општина Прилеп за нивна процена. Комисијата е веќе формирана и штом ќе излезе на терен, ќе почне да прави процени на земјоделските култури што се оштетени. Веднаш потоа се изготвува еден вкупен елаборат, кој се испраќа до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје, каде што се прават конечните процени и се врши исплата за направената штета“, изјави Жарко Северкоски, претседател на комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп.
Во моментот штетата не е утврдена за што комисијата работи на терен.