Македонската економија пропаѓа, потфрла планираното полнење на буџетот со даноци, за пет месеци годинава недостасуваат, односно има буџетска дупка од 3 милијарди денари. Тоа значи нема да има пари за пензии, за администрација, за услуги кон граѓаните, за болници, за училишта, а власта не се откажува од луксузот и од лошите економски политики, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„УЈП при собирање на данокот има три милијарди денари дупка, три милијарди денари помалку пари во буџетот за граѓаните, три милијарди денари помалку од планираното на економскиот тим, на економското цунами – Заев, Анѓушев, Тевдовски. УЈП и Владата немаат одговор на што се должи толкаво потфрлање, дупка во полнењето на буџетот на име на собрани даноци во висина од 50 милиони евра, што е пак вовед во нов економски иден шок наскоро, нови потреси во државата, нови отежнувања на животот на граѓаните кои тонат во сиромаштија“, рече тој.
Стоилковски кажа дека потфрлањето на Владата и на УЈП, 50 милиони евра разлика од планираното и реализираното даночење е показател дека спротивно на лагите на Заев, на Тевдовски и на Анѓушев, економијата не цвета, а Македонија не блеска, дека платите реално не растат, економската активност е намалена и дека нема нови вистински инвестиции.