23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот Заев упати честитка по повод Националниот ден на Власите: Нашите сограѓани Власи, биле и остануваат силен дел на нашето заедничко општество, во кое продлабочувањето на заедништвото, меѓусебната толеранција и доверба, обезбедуваат сигурна иднина за сите граѓани во нашата земја

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката етничка заедница. Честитката ви ја пренесуваме во целост:
„Денеска сите ние го славиме 23 Мај – Националниот ден на Власите, како значаен празник за да се потсетиме на вековниот стремеж на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.

Целиот влашки народ и истакнати личности Власи, учествуваа во најважните поглавја на нашата долга и исклучително богата историја, во која Власите секогаш имаа значајно место во борбата за слобода, државност и независност на нашата земја.

Нашите сограѓани Власи, биле и остануваат и понатаму силен дел на нашето заедничко општество во кое, продлабочувањето на заедништвото, меѓусебната толеранција, доверба и почитувањето на посебностите, обезбедуваат стабилна и сигурна иднина за сите граѓани во нашата земја.

Честит 23 Мај – Национален ден на Власите!“