Заев рече дека на редовната седница на Економско – социјалниот совет со синдикатите и работодавачите адресирале важни прашања за унапредување на работничките права и условите за работа и за работниците и за компаниите. Дијалогот меѓу државата, работниците и работодавачите, нагласи, е суштински во процесот на креирање на солидарно општество во кое ќе има економски напредок видлив за сите. Според него, за компаниите тоа треба да значи повисок профит преку зголемување на производството, трговијата или извозот, за работниците – повисоки плати, подигнување на работничките права, услови за напредок во кариерата и отворање нови работни места.
– Не случајно денеска ја свикавме редовната седница на Економско-социјалниот совет да ја испратиме пораката дека низ заедничка соработка и дијалог може да ги оствариме овие цели. Од јули 2017 година до денеска Економско-социјалниот совет има одржано 16 седници на кои се разгледани повеќе законски прописи поврзани со остварувањето на работничките права и документи од економско-социјалната област. На денешната редовна седница имавме можност да ги слушнеме барањата на сите страни и преземавме обврски понатаму преку заеднички консултации со синдикатите и работодавачите да носиме одлуки кои ќе бидат во интерес на работниците низ развој на приватниот сектор, истакна Заев.
Покачувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира.
За тоа ќе придонесе и зголемелниот број на домашни и странски директни инвестиции како, отворањето на нови работни места и зголемената побарувачка на квафилификувана работна сила.
Пензиите од почетокот на 2017 до почетокот на 2019 пораснаа за 826 денари или 6% од 13.750 денари просечна пензија сега 14.580 денари . Ќе има уште поголем тренд на пораст на плати и пензии во периодот што доаѓа.
Во подготовка е новиот Закон за работните односи и во таа насока разговаравме за можноста за намалување на вкупното времетраење на договорот на определено време при трансформација во договор за трајно вработување, при што ќе се имаат во предвид и барањата на работодавачите, со цел да се постигне консензус и заеднички договор.
Разговаравме и на други важни теми од социо – економски аспект.
На самиот крај би сакал да упатам искрени честитки по повод 1 Мај Меѓународниот ден на трудот до сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија со желби преку заеднички труд и вредна работа да сработиме за личен напредок и заеднички прогрес на нашата земја.“