23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: На овие избори се одлучува дали државата ќе ни биде понижена и ограбена, или насочена кон правда

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на вчерашниот ден го посети струмичкото село Куклиш, каде оствари средба со жителите.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека на средбата тој им се заблагодарил на граѓаните и на Општинскиот Комитет на партијата во Струмица за, како што рекол, големата победа во првиот круг.

„Се надевам дека таа победа ќе биде уште поголема во вториот круг и очекувам дека ќе биде така. Бидејќи овие избори не се само претседателски избори туку овие избори се и многу повеќе, бидејќи на нив се определува иднината на Република Македонија. Дали сакаме нашата држава да продолжи во овој правец по кој се движи сега како понижена, ограбена или пак во сосема поинаков правец кон правда и право“, нагласил Мицкоски.

Тој посочил дека во Македонија ситуацијата е многу лоша поради, како што рекол, сите неисполнети ветувања на власта.

„Нереализирани очекувања го тиштат и го мачат македонскиот граѓанин, без разлика на етничката припадност. Маката на сите е подеднаква, сите ние ја чувствуваме истата мака која што денеска е секојдневие во Македонија и единствениот начин да си помогнеме е да победиме на овие претседателски избори, а потоа и да победиме на предвремените парламентарни избори кои што многу брзо ќе се случат по претседателските избори“, истакнал лидерот на опозициската партија.