23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски со велигденска честитка: Светлината е можна и кога црнилата се најприсутни

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка по повод христијанскиот празник Велигден, посакувајќи многу здравје, благодет, среќа и љубов.

„Овој голем ден, кога доброто го победи злото, кога љубовта ја победи омразата, а животот смртта нека биде пример за тоа дека правдата и правдината секогаш победува, дека можна е светлина дури и тогаш кога црнилата се најприсутни. Овој празник е пример за тоа како единствено со чесност и достоинство, пожртвуваност, љубов и взаемно почитување можеме да создадеме подобро утре за нашите деца и идните поколенија.

Потребно ни е обединување во моментите кога граѓаните живеат во неизвесност, несигурност и поделби, потребна е надеж во овие тешки моменти на разочараност, апатија и неизвесност. А тоа можеме да го постигнеме доколку бидеме гласни и се бориме за нашите ставови и заедничка иднина.

Овој празник испраќа пораки на сплотеност, пожртвуваност, добрина и праведност. Христос Спасителот пострада за нашето спасение, и овој ден и сите останати да ги минуваме со добра мисла, заедништво и подадена рака.

Ви посакувам прекрасни празнични денови, проследени со многу љубов и хармонија во вашите семејства, добро здравје и мир во вашите домови, на вам и на вашите ближни. Нека е за многу години Велигден“, наведе Мицкоски во честитката.