Претставници на кабинетот на претседателот на Владата, на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и претседателот на Управниот одбор на компанијата „Еурокомпозит 11 Октомври“ АД Прилеп, Тони Петрески, остварија средба со претставници на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството и со претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата.
Предмет на средбата беа прашања поврзани со исплата на заостанати и неисплатени обврски по основ на плати, придонеси од плати, испратнини на вработените.
Од страна на владините претставници беше посочено дека проблемите со кои се соочува „Еурокомпозит 11 Октомври“ се провлекуваат повеќе години и дека тие се предмет на постојано разгледување во правец на изнаоѓање конечно решение и надминување на состојбите во комбинатот.
Како прв чекор во надминувањето на проблемите со кои се соочуваат вработените наведено е дека со измените на Законот за материјалното обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, 153 лица од компанијата се згрижени и добиваат месечен надоместок во согласност со тој закон. На овој начин Владата исполни дел од преземените обврски од нејзина страна.
Воедно, претставниците на СИЕР и на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата беа информирани за сите чекори што се преземаат за надминување на постојните проблеми во комбинатот, а пред сè за можните решенија поврзани со обврските од работниот однос на вработените.
На состанокот беше истакнато дека во многу кус временски период се очекува да се пристапи кон исплата на дел од неисплатените испратнини на лицата на кои им престанал работниот однос.
Во однос на идното функционирање и судбината на комбинатот, претставниците на СИЕР и на вработените на кои им е престанат работниот однос беа информирани дека се бара решение со сериозни странски стратешки партнери кои се заинтересирани за инвестирање во „Еурокомпозит 11 Октомври“, а на кој начин се очекува да се решат и други прашања поврзани со правата на вработените во комбинатот, односно исплата на дел од заостанатите придонеси по основ на работен однос.