Армијата е гарант на суверенитетот, независноста и неповредливоста на територијата на државата, изјави претседателскиот кандидат Стево Пандаровски, кој денеска ги претстави своите заложби и проекти, како што рече, доколку стане иден врховен командат.
„Во мојот мандат врвен приоритет ќе биде модернизација на армијата, како и обезбедување европски услови за македонските војници“, кажа Пендаровски и дополни дека војниците се најзаслужни за успесите во меѓународните мисии и за поканата што ја добивме за членство во НАТО.
Тој порача и дека како иден врховен командант негова цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот за армијата и обезбедување НАТО-стандарди за нашите војници.
„Ова ќе значи добри услови за нив за гордо и достоинствено да ја бранат нашата татковина. Процесите за модернизација се веќе започнати и јас во соработка со Министерството за одбрана силно ќе ги поддржам и забрзам. Посебен фокус ќе ставам на проектите и реформите кои се однесуваат на покачување на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на армијата по нивното пензионирање од активна служба во армијата“, нагласи претседателскиот кандидат.
Посочи и дека особено внимание ќе посвети на именување искусни и квалитетни кадри на позициите од суштинско значење за безбедноста на земјата.
„Ова е исклучително важно и на овие позиции ни требаат најдобрите професионалци со кои располагаме. При именувањето на началникот на Генералштабот и генералите во армијата секогаш ќе се водам од нивните професионални достигнувања. Само вака ќе обезбедиме професионална армија и почит од нашите сојузници“, кажа Пендаровски.
Тој подвлече и дека во рамки на неговите овластувања во Агенцијата за разузнавање, активно ќе учествува во реформата на безбедносниот систем на државата.
„Обезбедување ефикасни и независни системи за безбедност мора да бидат врвен приоритет на Владата и на претседателот. Никогаш повеќе нема да дозволам делови од Агенцијата за разузнавање, односно нејзини делови да бидат злоупотребени како што тоа беше случај во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Пендаровски.
Според него, Советот за безбедност, кое како важно тело, досега било целосно занемарено од актуелниот претседател, во иднина ќе биде свикувано редовно и во него ќе членуваат реномирани експерти од областа на безбедноста, но и претставници на власта и опозицијата.