23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сиљановска: Уставот треба да се менува ретко, и тоа со рака што трепери

Уставот треба ретко да се менува и тоа со рака што трепери, но не од страв туку од одговорност, изјави кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова, која се обрати пред граѓаните во Македонски Брод.

„За двесте години Американците само 27 пати го смениле Уставот, а тој има само 7 члена. Ние го сменивме Уставот 36 пати од 1991 година ама само 2 пати од внатре, еднаш заради притворот и втор пат заради правосудството. Сите други измени доаѓаа од надвор. На барање од надвор“, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа потсети дека минатата година Уставот се менуваше не заради граѓаните или за подобар економски, политички и правен живот туку заради промена на името. И во Преамбулата.

„Преамбулата е еден дел што му претходи на Уставот ама тоа не е неважен дел. Таму во нашата Преамбула пишува нешто што го слушаме или кога ја пееме химната. Се кажува за славното минато, за Илинден, за Крушевска Република, за Втората светска војна, за целите што ни се најважни. Преамбулите во светот ретко се менуваат. Зошто? Зошто Преамбулата го отсликува од кога е донесен Уставот, од 1991 година“, истакна Силјановска-Давкова.

Таа го повтори ставот дека референдумот не успеа, но власта заборави на народот.

„Ние со молкот испративме порака до власта дека не ги легитимираме ни власта ни референдумот. Туку ги делигитимираме“, истакна Сиљановска-Давкова, која рече дека по неуспешен референдум сите државници би си заминале и би се извиниле, но нашата власт си остана и си продолжи да го менува Уставот.

„Не гледам надеж дека во јуни ќе добиеме датум за преговори. Не дека се лоши кон нас туку затоа што бараат стандарди да се исполнат, како што се Копенхагешки критериуми, како владеење на право, економија, борба со корупција и криминал, борба со непотизам ама и затоа што ЕУ си има сериозни сопствени проблеми и се разбира дека секој, секогаш, секаде прво треба да се води од сопствените интереси, така и ние националните интереси, а потоа да се согласуваме и да потпишуваме. Ама национален интерес не се гради меѓу двајца, меѓу тројца, туку со консензус, со опозиција, со претседател на држава. А најмногу со народот“, истакна Сиљановска-Давкова.