Народниот правобранител во пресрет на претседателските избори и предвремените избори за градоначалници на оштините Охрид, Дебар и Ново Село ги потсетува граѓаните за важноста на избирачкото право и начинот на остварувањето и заштитата на ова право, а воедено упатува апел до институциите и сите други за обврската и одговорноста од создавање реални услови за овозможување, почитување и остварување на избирачкото право на граѓаните, како и правилата за фер и демократски избори.
Секој има право да се изјасни за својата опција, без притоа да трпи некакви последици. Граѓаните се тие што одлучуваат. Никој не смее во нивно име, преку разни форми на притисоци, уцени и закани да одлучува. Граѓаните не смеат да молчат, напротив, мора да бидат активни затоа што со навремено пријавување на неправилности од кој било вид го штитат нивното право, а истовремено придонесуваат за демократичноста на изборниот процес во целина.
Народниот правобранител посебен апел упатува до сите што се на раководни позиции во институциите и до други лица во јавната администрација да не се осмелат на каков било начин да вршат заплашување и притисоци врз вработените и да се однесуваат одговорно. Во спротивно таквото однесување е недозволиво и подлежи на кривична одговорност. Во оваа насока народниот правобранител ги охрабрува сите вработените во админстрацијата и сите други лица, без двоумење и страв, сознанијата за таквите дејства да ги пријават до надлежните институции и до народниот правобранител, кој без исклучок ќе ја гарантира тајноста на податоците.
Ова се однесува и за сите други работодавци, кои, меѓу другото, на денот на изборите на своите вработени треба да им определат работно време што ќе им овозможи непречено остварување на правото на глас, без користење закани и други форми на условувања.
Во пресрет на кампањата народниот правобранител упатува апел до сите фактори во изборниот процес, па и до родителите, за неопходната потреба да ги заштитат децата и да не ги инволвираат во политичките и изборните кампањи, со цел почитување на принципот на најдобриот интерес на детето. Исто така, и медиумите особено треба да водат сметка и да не прикажуваат снимки, спотови од кампањи и слично каде што се вклучени деца сè со цел децата да бидат заштитени од политички и идеолошки манипулации.
Истовремено, народниот правобранител потсетува дека медиумите имаат клучна улога во заштитата на избирачкото право. Оттука, од особена важност е начинот на кој тие ги пренесуваат информациите. Затоа, потребно е објективно, балансирано и доследно информирање и придржување кон етичкиот кодекс за информирање.
Ако слободните избори со тајно гласање се столбот на демократијата, тогаш обврска на сите фактори во општеството е да обезбедат реални услови за слободни и фер избори.