Претседателот на Комисијата за европски прашања и претседавач со Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и реформската агенда, Антонијо Милошоски, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања и Марко Трошановски, претседател на ИДСЦ, денеска ја отворија тематската сесија: „Реформска агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: улогата на парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети“.
Претседавачот на Групата, Милошоски, истакна дека оваа сесија е важен чекор во зајакнувањето на парламентарниот надзор врз процесите кои ја обликуваат европската иднина на нашата држава. Формирањето на оваа Група на 30 април 2025 година создаде силна основа за политички консензус во исполнувањето на реформските приоритети што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда.
Берлинскиот процес е започнат уште од 2014 година, со цел да создаде силна рамка за продлабочена соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија и ги подготвува земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ. Но, денеска започнуваме нов циклус на работа кој треба да донесе резултати, јасни препораки и силна парламентарна поддршка за реформските процеси.
Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајов, од свој аспект даде осврт на Реформската агенда и Берлинскиот процес, каде посочи дека листата на задачи е долга, но не треба да нѐ обесхрабрува. Во однос на реформските процеси дел од нив се спроведени, дел останува да се реализираат. Во фокус на Министерството остануваат реформите во јавната администрација, енергетиката, дигитализацијата, владеење на правото итн.
Марко Трошановски, претседател на ИДСЦ, изрази задоволство што заживува оваа иницијатива, од аспект на парламентарната димензија на овој процес.
Првиот дел на сесијата даде осврт на резултатите од Берлинскиот процес по Самитот во Лондон 2025 каде беа споделени впечатоците и препораките на пратеничките Дијана Тоска и Сања Лукаревска, кои беа дел од парламентарната делегација во Лондон.
Тоска посочи дека овие теми не се само технички процеси, не се административни обврски и сигнали што треба да се испратат кон Брисел. Напротив, зад нив стои многу посуштинска идеја да создадеме функционална, стабилна и европска држава, која обезбедува реални резултати за сите свои граѓани. Берлинскиот процес докажа дека кога работиме заедно резултатите се видливи. Реформската агенда и Планот за раст е домашна задача што мораме да ја исполниме.
Лукаревска рече дека Берлинскиот процес, Реформската агенда и Планот за раст треба паралелно да се разгледуваат со Извештајот на Европската комисија за напредок на земјава, со цел да се види каде има напредок, а каде треба да се посвети повеќе внимание, бидејќи реформите се тие кои ќе овозможат ЕУ интеграција.
Потоа следеше дискусија за Реформската агенда и степенот на имплементација на обврските, со учество на претставници од релевантни институции, невладини и граѓански организации.
Учесниците беа согласни и уште еднаш истакнаа дека оваа Меѓупартиска парламентарна група е еден од најважните механизми во рамки на Парламентот и клучен столб каде Парламентот не е само набљудувач, туку активен учесник и гарант на исполнувањето на европските обврски.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


