Centar.mk
СВЕТ

Речиси 9.000 Турци ја напуштиле Црна Гора по инцидентот со избодениот Црногорец и воведените визи

Од крајот на октомври, кога Владата на Црна Гора привремено воведе визи за државјаните на Турција, земјата ја напуштиле 8.935 Турци, соопшти Министерството за внатрешни работи за „Вијести“. Во истиот период биле поднесени 320 барања за виза, од кои 194 одобрени, 29 одбиени, а 97 се во постапка, според Министерството за надворешни работи.

Одлуката за повторно воведување визи уследи по инцидентот во подгоричко Забјело, кога беше ранет 25-годишен маж. Иако полицијата првично посочи турски државјанин како осомничен, подоцна се покажа дека напаѓачи биле двајца Азербејџанци.

Воведувањето визи предизвика критики и страв од економски последици, бидејќи Турците се меѓу најголемите инвеститори во Црна Гора, а турскиот капитал е присутен во околу 20 отсто од регистрираните фирми во земјата

Министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ изјави дека визите би можеле да бидат укинати „за 10 до 15 дена“, но конкретен датум не е наведен.

Експертите предупредуваат дека Црна Гора, за да го усогласи визниот режим со Европската унија, мора да изработи јасен план и да обезбеди дека либерализацијата нема да доведе до злоупотреби или проблеми со миграциите, бидејќи ЕУ бара строги гаранции за заштита на своите надворешни граници.

По воведувањето визи, следуваше серија ксенофобични инциденти низ земјата: напади врз турски локали, пожар во објекти, обиди за насилство и организирање „народни патроли“ кои бараа Турци по населбите. Полицијата уапси повеќе лица за насилство, потпалувања и ширење омраза./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.