Centar.mk
СВЕТ

Венецуела до авиокомпаниите: Имате 48 часа да ги продолжите летовите или ќе ја изгубите дозволата

Венецуелскиот институт за авијација денес им соопшти на меѓународните авиокомпании дека мора да ги продолжат летовите до земјата во рок од 48 часа или ризикуваат да ги изгубат дозволите за летање, соопшти Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).

Неколку меѓународни авиокомпании откажаа летови од Венецуела во последните денови откако Федералната администрација за авијација на САД (FAA) ги предупреди големите авиокомпании за „потенцијално опасна ситуација“ при летање над земјата.

IATA, која претставува околу 350 авиокомпании, го критикуваше потегот на венецуелската влада, предупредувајќи дека одлуката „дополнително ќе ја намали поврзаноста со земјата, која е веќе најмалку поврзана во регионот“.

Претходно во понеделник, шпанскиот превозник „Ер Европа“ соопшти дека ги суспендира своите пет неделни летови меѓу Мадрид и Каракас „додека условите не дозволат“ нивно продолжување. „Ерлајн Плус Ултра“, исто така, ја суспендираше истата рута, објавија шпанските медиуми.

Во текот на викендот, шпанскиот превозник „Иберија“ соопшти дека ги суспендира своите летови до Венецуела, придружувајќи се на други авиокомпании, вклучувајќи ги бразилската „Гол“, колумбиската „Авијанка“ и „ТАП Ер Португалија“.

Портпаролот на „Иберија“ изјави во понеделник дека суспензијата ќе трае најмалку до 1 декември.

„Туркиш ерлајнс“ ги откажа летовите до петок.

Минатиот петок, американската ФАА предупреди за „влошување на безбедносните услови и зголемена воена активност во или околу Венецуела“ и рече дека заканите би можеле да претставуваат ризик за авионите на сите висини.

Во последните месеци, имаше масовно зголемување на американските воени сили во регионот, вклучувајќи го и најголемиот носач на авиони на американската морнарица, најмалку осум други воени бродови и борбени авиони Ф-35./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.