Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Итно е неопходно зголемување на минималната плата за достоинствен живот, велат од ДУИ

– Демократската унија за интеграција ДУИ ја изразува својата целосна поддршка за барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата и нагласува дека ова е најнеопходна социјална и економска мерка.

Според сите достапни макроекономски показатели, во Македонија има најниска минимална плата во регионот и во изминатите 2 години има најслаб напредок во усогласување на доходот со реалните трошоци на живот, беше кажано на прес конференцијата на ДУИ која ја проследуваме интегрално:

Минималната плата кај нас изнесува само 397 евра, со најавено минимално зголемување на 422 евра од март 2026 година.

Албанија и Србија имаат 500 евра минимална плата, а во Србија од 1 јануари 2026 година таа расте на 550 евра.

Во Црна Гора лицата со средно образование имаат минимална плата од 600 евра, а тие со високо образование 800 евра минимална плата.

Во Босна минималната плата е 511 евра, а во Косово од 425 евра минималната плата расте на 500 евра во 2026.

Северна Македонија не само што е последна во регионот, туку ја зголемува разликата секоја година. Ова ја прави домашната работна сила најевтина и најизложена на сиромаштија и иселување.

Според податоците од последните две години кумулативната инфлација достигна над 30%, храната поскапе за 35 до 45%, а енергенсите за 40%.
Едно просечно семејство троши меѓу 50 и 60% од приходите само на храна, а со сегашната минимална плата, работникот може да покрие само околу 62% од минималната потрошувачка кошница за четиричлено семејство.

Овие податоци укажуваат дека актуелната минимална плата објективно не ги покрива основните животни трошоци, со што платата е за преживување, а не за достоинствен живот.

Економската логика е јасна дека минималната плата треба да ја следи продуктивноста. Во Македонија продуктивноста по работник е порасната за 20%, додека минималната плата е порасната за помалку од 10% при инфлациски корекции.

Стапката на профитабилност во трудоинтензивните сектори останува над 15%, што значи дека има простор за покачување на платите, без било каков ризик или штета за бизнисите.

Современите економски истражувања и европската пракса покажуваат дека минималната плата веднаш се враќа во економијата преку потрошувачка.
Според националните пресметки, зголемување на минималната плата за 100 евра носи 0,4% раст на БДП и околу 40 милиони евра годишна дополнителна приватна потрошувачка.

Државата губи илјадници работоспособни граѓани, а главната причина се ниските плати.

Истражувањата на Меѓународната организација на трудот (ILO) покажуваат дека умерено зголемување на минималната плата не ја намалува конкурентноста на фирмите и не ја зголемува невработеноста. Со зголемувањето на минималната плата се подобрува продуктивноста и квалитетот на работната сила.

Синдикатите со право укажуваат дека Владата ја држи минималната плата меѓу најниските во регионот. При тоа во Буџетот за 2026 година нема предвидено средства за суштинско зголемување на платите.

ДУИ смета дека ова е структурна неправда и огромна економска грешка. Не може власта да очекува продуктивна економија со работници кои живеат на раб на сиромаштија.

Затоа бараме:
1. Минималната плата да се усогласи со реалните трошоци на живот и за да биде на ниво со регионалниот просек.
2. Да се примени модел на индексирање што ќе ги следи инфлацијата и продуктивноста.
3. Да се предвиди фискална поддршка за микро и мали компании по моделот на Албанија, за непречена транзиција кон повисоки плати.
4. Да се донесат активни мерки за задржување на работната сила и намалување на иселувањето.

ДУИ ќе продолжи да се залага минималната плата да се зголеми за да биде доволна за достоинствен живот, работниците да не живеат во сиромаштија и власта да не заостанува зад сите во регионот.

397 евра не се доволни за живот, тие се доволни само за преживување. Затоа минималната плата мора да биде 600 евра за лицата со средно образование, а 800 евра за лицата со високо образование.

Во Собранието ќе ги иницираме овие промени, а во исто време ги поддржуваме синдикатите и ги повикуваме да се придружат на оваа иницијатива со цел обезбедување достоинствен живот, велат од ДУИ.

error: Соддржината е заштитена.