Турската полиција уапси уште три лица во истрагата за смртта на германска државјанка и нејзините две деца, кои починаа од труење со храна за време на одмор во Истанбул.
Приведени се управителот на хотелот и двајца работници задолжени за дезинфекција. Со нив, бројот на уапсени во случајот се зголеми на седум.
Семејството — мајка, татко и две деца од 3 и 6 години — пристигнало во Истанбул од Германија на 9 ноември. На 12 ноември сите биле хоспитализирани со симптоми на труење. Двете деца починале истиот ден, мајката два дена подоцна, а таткото е во критична состојба.
Обвинителството соопшти дека семејството претходно јадело храна купена на улица, во продавница и во хотелот.
Уличните продавачи негираат одговорност.
Сопственикот на хотелот, кој е меѓу уапсените, има две претходни кривични пријави, потврди полицијата./Извор:Makfax


