Centar.mk
СВЕТ

Страшна несреќа во Перу, автобус падна во клисура, најмалку 37 загинати

Најмалку 37 лица загинаа, а десетици се повредени во Перу кога автобус падна во клисура длабока речиси 200 метри.

Несреќата се случила во раните утрински часови на тежок дел од Панамериканскиот автопат, кој ги поврзува Перу и Чиле, во јужниот регион Арекипа, јавува Би-би-си.

Според локалните медиуми, во автобусот имало 60 патници. Возилото се судрило со пикап на кривина, потоа скршнало од патот и паднало до брегот на реката Окоња.

Автобуските несреќи во Перу се чести, особено ноќе и на планински патишта. Причините често се лоши услови на патот, прекумерна брзина и недостиг на сигнализација.

Автобусот, управуван од компанијата „Љамосас“, патувал од градот Чале, во покраината Каравели, до Арекипа. Според извештаите, двајцата возачи ја преживеале несреќата.

Фотографиите од местото на настанот го покажуваат автобусот целосно уништен на дното од стрмна клисура, со скршени прозорци, смачкан и откорнат покрив.

Валдор Љерена, градоначалникот на округот Окоња, изјави за радиото РПП дека теренот во областа е многу тежок и дека овој дел има долга историја на фатални несреќи.

Според официјалните бројки, повеќе од 3.300 луѓе загинале во сообраќајни несреќи во Перу во 2022 година, а безбедноста на патиштата е голем проблем. Панамериканскиот автопат, кој се протега на 48.000 километри од Алјаска до јужна Аргентина, го држи рекордот за најдолг пат во светот што може да се вози со автомобил./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.