Густа магла се насобрала над Загреб, а со неа и опасно загадување на воздухот кое трае со денови. Официјалните мерења покажуваат дека главниот град е во „црвената“ зона, што значи дека квалитетот на воздухот е лош и може да има штетно влијание врз здравјето, а најпроблематични се PM честичките 2,5 кои лесно продираат во белите дробови, пренесуваат медиумите во регионот.
„Катастрофа. Да знаевме, немаше ни да излеземе со нашето бебе. Сега трчаме дома штом слушнавме дека е црвено. Бебето има два месеци“, вели Иван од Загреб во изјава за „РТЛ“.
Другите граѓани не се изненадени. „Ништо изненадувачки. Магла, нема ветер, зима. Кога нема ветер, воздухот не може да се прочисти“, коментира Драгослав, додавајќи дека лошиот воздух во Загреб „може да се почувствува речиси секогаш“, исто така и поради Јакушевац.
Мерните станици повторно во црвена боја утрово
Што се однесува до ситуацијата утрово, веб-страницата на Министерството за заштита на животната средина покажува дека мерните станици Загреб 1, Загреб 2 и Загреб 3, повторно се во црвена боја утрово.
„Избегнувајте физички активности на отворено“
Бранко Колариќ, директор на Наставниот институт за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“, предупредува на претпазливост.
„Кога квалитетот на воздухот е лош, советуваме да не се прави интензивна физичка активност на отворено. Кога нема ветер или дожд, смогот е видлив со голо око и не е мудро да се трча или игра фудбал надвор“, вели тој за „RTL“.
Тој објаснува дека станува збор за честички од саѓи и пепел. „Хемиските соединенија што би можеле да бидат поопасни не се покачени, туку се во нормални граници. Ова загадување е типично за зимските месеци и грејната сезона“, рече Колариќ.
Критично и во други градови
Иако Загреб моментално е во фокусот, ситуацијата не е многу подобра во другите делови на Хрватска.
„Граѓаните се со право огорчени. Пред десет години ми кажаа дека моите здравствени проблеми се поврзани со загадувањето на воздухот“, вели Мирослав од Славонски Брод.
Здружението Еко-Интеграл, кое со години предупредува за проблемот во Славонски Брод, вели дека ова е најкритичниот дел од годината. /Извор:Makfax
Оваа статија има 335 прегледи


