Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денес ќе се сретне со Доналд Трамп во Белата куќа во историска прва официјална посета на сириски лидер откога земјата стекна независност во 1946 година. Се очекува тој да побара целосно укинување на преостанатите санкции воведени врз неговата земја, разурната од војна, објавува „Гардијан“.
Ахмед ал-Шаара, чии исламистички бунтовнички сили го соборија долгогодишниот владетел Башар ал-Асад кон крајот на минатата година, се обидува да го убеди американскиот претседател да ги укине економските ограничувања воведени за време на 13-годишната граѓанска војна тврдејќи дека тие повеќе не се оправдани.
Неговиот советник за медиуми, Ахмед Зејдан, изјави за саудиската телевизија „Ал Арабија“ дека најважното прашање на дневен ред е укинувањето на Законот за цивилната заштита во Сирија од 2019 година (Caesar Act), со кој се воведоа сеопфатни санкции поради кршењата на човековите права од страна на Асад.
Трамп првпат се сретна со сирискиот лидер минатиот мај во Ријад. Пред состанокот тој го пофали пред новинарите како „млад, привлечен човек. Цврст човек. Со силна заднина. Со многу силна заднина. Борец“. По состанокот, Трамп нареди укинување на повеќето санкции, што претставува голема промена во политиката на САД.
Сепак, Caesar Act останува во сила и ќе биде потребно гласање во Конгресот за трајно укинување. Тоа е неверојатен пресврт за Ал Шара, поранешен лидер на бунтовничката група што ја предводеше операцијата за соборување на Асад и за чија глава американската влада еднаш понуди награда од 10 милиони долари.
Минатиот четврток Вашингтон го предводеше гласањето во Советот за безбедност на ОН за укинување на санкциите на ОН против него лично. Во септември, Ал Шара, поранешен џихадист некогаш поврзан со Ал каеда, стана првиот сириски претседател по децении што се обрати пред Генералното собрание на ОН во Њујорк./Извор:Makfax
Оваа статија има 335 прегледи


