Милијардерот и инвеститор во недвижности, Бери Стернлихт, го нападна новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, предвидувајќи масовен егзодус на луѓе и бизниси од градот. Стернлихт, претседател и извршен директор на „Старвуд капитал груп“, компанија со големо комерцијално и станбено портфолио во Њујорк, изрази длабока загриженост за насоката во која се движи градот под ново раководство, пишува Си-ен-би-си.
„Њујорк како Мумбаи“
Стернлихт рече дека демократскиот социјализам што го заговара Мамдани, едноставно, не функционира за секторот за комерцијални недвижности. Тој особено ја критикува платформата за домување на Мамдани, насочена кон замрзнување на кириите.
„И потоа крајната левица навистина полудува и вели дека станарите не мора да плаќаат. Па не можете да ги избркате ако не платат. Па соседот открива дека соседот до него не плаќа, па ни тој не плаќа, и следниот не плаќа, а потоа во основа го претворате Њујорк во Мумбаи“, живописно опиша Стернлихт.
Тој нагласи дека не разговарал со Мамдани пред изборите, ниту финансиски го поддржувал својот противник, поранешниот гувернер Ендру Куомо.
„На инвеститорите им требаат повеќе субвенции“
Стернлихт ги издвои превисоките трошоци за развој и управување со имот како еден од клучните проблеми на градот обвинувајќи ги директно синдикатите за ова. Тој очекува ситуацијата само да се влоши под администрацијата на Мамдани.
„Секој проект во Њујорк вреден повеќе од 100 милиони долари мора да помине преку синдикатите, а тоа е исклучително скапо. Тоа води до исклучително скапи станови. Други инвеститори се обидоа да постигнат договори со синдикатите, но тие владеат со Њујорк и тоа е една од клучните причини зошто„сините држави“ се толку скапи и зошто е толку тешко да се зголеми понудата на станови“, рече Стернлихт.
Според него, решението не е во замрзнувањето на кириите, туку во зголемување на понудата на станови, што е економски неизводливо во сегашните услови, без значителни владини субвенции и концесии од синдикатите./Извор:Makfax
Оваа статија има 335 прегледи


