Centar.mk
фото Centar.mk (c) 2024
МАКЕДОНИЈА

Муцунски: На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот

Денес, во Музејот на град Скопје, беше одбележан Денот на Обединетите нации кој годинава се совпадна со 80-годишнината од основањето на ОН, во знак на заедничката посветеност на народите кон мирот, безбедноста, човековите права и одржливиот развој.

Свечениот настан, организиран во соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата, ја истакна важноста на мултилатерализмот и партнерството во решавањето на глобалните и регионалните предизвици.

Во своите обраќања, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбиа, заеднички ја потврдија посветеноста кон принципите на Повелбата на ОН и кон продолжување на соработката во насока на зајакнување на институциите, унапредување на човековите права, заштита на животната средина и исполнување на Агендата 2030 за одржлив развој.

Овогодинешното одбележување има за цел да ја потсети меѓународната заедница на потребата од зајакнување на меѓусебната доверба и солидарност, особено во време на бројни предизвици што го засегаат секој дел од светот.

По тој повод, Република Северна Македонија ја реафирмира својата посветеност на принципите и вредностите на Повелбата на Обединетите нации, на унапредувањето на човековите права, одржливиот развој и мирот, како и на континуираното партнерство со системот на ОН во земјата.

„На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот, во меѓународното право и во едноставната вистина дека глобалните предизвици можат да се решаваат само заеднички,“ истакна министерот Муцунски.

Тој додаде дека државата останува максимално посветена на глобалните процеси и ќе продолжи да ги промовира клучните вредности на Обединетите нации и да биде доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели – унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста.

Министерот потсети дека темата на годинешното одбележување е „Промовирање на мирот, единството и глобалните партнерства“, при што упати признание до сите кои во светот несебично се залагаат за ширење на вредностите на Организацијата: оние кои работат за одржување на мирот и стабилноста, заштита на обесправените, борба против сиромаштијата, климатските промени и сите форми на дискриминација.

„Честитајќи го овој ден, уверувам дека остануваме посветен и доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на Обединетите нации,“ додаде Муцунски./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Утре е голем празник со црвени букви – Православните Христијани го празнуваат Митровден

ДЕСК

Следува продолжен викенд – ова се преостанатите неработни денови до крајот на 2025

ДЕСК

Излета автомобил, едно лице тешко повредено

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.