Centar.mk
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Македонски концепт предлага помалку министри за рационална и ефикасна влада

Македонски Концепт, како изразито десничарска политичка партија и составен дел од владејачката коалиција, ја поддржува потребата од темелна реконструкција на Владата на Република Македонија, насочена кон рационализација на институциите, намалување на бројот на министерства и фузирање на сродни ресори во функционални целини, соопштија од партијата.

„Време е државата да се изгради врз принципот на помалку министерства и повеќе одговорност. Моделот на прегломазни влади, со прекумерна административна структура и голем број функционери, е производ на левичарско и комунистичко управување, кое со децении ја гуши ефективноста и ја поткопува одговорноста на институциите. Како автентична десничарска партија, ние се залагаме за мала, силна и ефикасна влада, во која секој функционер ќе носи реална одговорност за својот ресор. Од 1945 година до денес, Македонија не познала вистинска десничарска влада во суштинска смисла на зборот. Време е тоа да се промени. Доволно беше комунизам и неокомунизам, кои во последните 35 години ја одржуваат логиката на бирократски систем без резултати и без одговорност“, се наведува во соопштението.

Македонски Концепт предлага фузија на министерствата со цел рационализација на државниот апарат и поефикасно користење на јавните ресурси: Министерството за правда, локална самоуправа, информатичко општество, администрација и етнички заедници да се обединат во едно Министерство за државни служби – со што, наместо четири, ќе постои еден ресор со интегрирани функции и јасна хиерархија, Министерството за надворешни работи и евроинтеграции да се спојат во едно целосно усогласено Министерство за надворешни и европски работи и Министерството за животна средина да се интегрира со земјоделството, а културата да се поврзе со образованието, согласно современите европски практики за рационална јавна администрација и сл.

„Со оваа реорганизација, бројот на министри ќе се намали за најмалку 50%, при што функционерите ќе добијат поголема тежина и отчетност, а граѓаните ќе плаќаат значително помалку за луксузни кабинети и непродуктивна администрација“, велат од Македонски Концепт.

Од таму додаваат дека секој министер кој не може да управува со поширок ресор, не треба да биде министер. Државната функција не е социјална установа за политичка комоција, велат од партијата, туку организациски механизам што мора да произведува резултати.

„Во таа насока, Македонски Концепт ќе го претстави својот концептуален документ „Нов модел на десничарска влада“ на премиерот Мицкоски, на коалициските партнери во рамки на коалицијата „Твоја Македонија“, како и на другите владини чинители. Со тоа, ќе се побара широка поддршка за длабока институционална и функционална реформа што ќе ја постави основата на модерна, рационална и отчетна влада – влада на одговорни луѓе во служба на народот“, велат од партијата./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Утре е голем празник со црвени букви – Православните Христијани го празнуваат Митровден

ДЕСК

Следува продолжен викенд – ова се преостанатите неработни денови до крајот на 2025

ДЕСК

Излета автомобил, едно лице тешко повредено

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.