Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на Форум за социјални претприемачи организиран од страна на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) во Скопје.
Целта на настанот беше да се поттикне соработката за развој на социјалното претприемништво како поттик за вработување на младите, јакнење на заедницата и подобрување на регионалната соработка преку меѓукултурен дијалог.
Во своето обраќање пред присутните, државниот секретар Сабриу го потенцираше значењето на социјалното претприемништво кое што претставува мост меѓу визијата и реалноста. Пат по кој младите можат да создадат сопствени можности, но и да остават длабока трага во заедницата. Да создадат вредност – не само економска, туку и општествена.
„Горди сме што денес можеме да споделиме дека Министерството за социјална политика, демографија и млади изработи Предлог Закон за социјални претпријатија, кој овој месец ќе го достави до Владата, а очекуваме во првата половина на 2026 година да ја помине собраниската процедура и биде усвоен. Целта на овој закон е да создаде правна, институционална и финансиска рамка за развој на социјалните претпријатија — организации што работат за општествена добробит, а не за личен профит. Со овој закон, Северна Македонија прави храбар чекор кон: поправедна економија, поинклузивно општество и одржлива иднина за сите — особено за младите,“ порача Сабриу.
Форумот претставува заокружување на проектните активности на Регионалниот инкубатор за социјални претприемачи (RISE), подржани од Француската агенција за развој (AFD), Европската унија, Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Француско-германската канцеларија за млади (FGYO). Учество земаа претставници на институции, амбасади, граѓански организации, приватниот сектор и млади социјални претприемачи.
Шефот на канцеларијата на RYCO во Скопје, Владимир Ѓорѓевски истакна дека во изминатите 5 години, „RISE” програмата вклучи повеќе од 850 млади луѓе и 136 тимови, од кои 72 тимови добија грантови од по 2.500 евра, а 135 млади претприемачи добија грантови за регионална мобилност од 500 евра. Дополнително, беа имплементирани голем број на тренинзи, бут кампови, менторски и подучувачки сесии, локални работилници и натпреварувачки настани за избор на најдобрите бизнис планови. Голем број експерти и локални инкубатори – искусни организации беа вклучени во поддршка на младите претприемачи.
„RYCO останува силно посветен на унапредувањето на економското овозможување на младите и веќе има амбициозни регионални планови за создавање нови можности тие да останат, иновираат и напредуваат во својот роден регион,” истакна Ѓорѓевски.
Заменик Амбасадорот на ЕУ во земјава, Бен Нипнау нагласи: „Ние силно веруваме дека иднината на Западен Балкан и Северна Македонија зависи од своите млади и од поддршката и охрабрувањето на тие млади. Социјалното претприемништво е еден начин, но моќен и одржлив начин за Вас- младите луѓе на регионот да станете агенти на промени, иновации и инклузија.”
Францускиот Амбасадор Кристоф Ле Риголер потсети дека „RISE” е првиот проект кој беше поддржан од Француската Агенција за развој и ја потенцираше визијата за заеднички развој на Франција и Западниот Балкан, во која младите претприемачи имаат важна улога.
„Ајде сите заедно да пробаме да ја зачуваме колку што е можно подолго динамиката која што ја креираше “RISE” програмата и RISE-рите,” порача Ле Риголер.
Германската Амбасадорка Г-ѓа Петра Дрекслер нагласи: „Како Амбасадори на своите држави ние сме тука да ги донесеме можностите за соработка во живот, да го препознаеме тој потенцијал и да работиме на реализација на заедничките цели. И за да го направите тоа, ви треба од време на време малку охрабрување. Затоа убаво е да бидете придружувани од многу други луѓе во тој пат. Мислам дека социјалното претприемништво докажа дека е можно да се комбинира креативноста со одговорност за да се креира заедничко верување дека можете да бидете успешни и во исто време да имате значајна улога во општеството.”


