Граѓаните денес го остваруваат своето право на глас на осмите локални избори од независноста на државата. Тие избираат градоначалници во вкупно 81 општина, вклучително и во Град Скопје, како и членови на општинските совети и Советот на Град Скопје.
За функцијата градоначалник се натпреваруваат 309 кандидати, а поднесени се и 576 советнички листи со вкупно 10.490 кандидати. Во изборната трка учествуваат 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи граѓани, односно независни кандидати. Најмногу кандидати за градоначалничката функција има во Град Скопје – вкупно 16.
Според податоците на Државната изборна комисија, избирачките места се отворени утрово во 7 часот. На гласање може да излезат 1.832.415 граѓани со право на глас, кои гласаат на 3.474 избирачки места до 19 часот. Во секоја општина се гласа на две ливчиња – едно за градоначалник и едно за советници, додека жителите на Скопје добиваат четири гласачки ливчиња: за градоначалник и совет на општината во која живеат, како и за градоначалник и Совет на Град Скопје.
Процесот на гласање го следат вкупно 1.451 набљудувач, од кои 807 се од домашни организации, а 644 се меѓународни.
ДИК соопшти дека вчера, еден ден пред главното гласање, право на глас оствариле затворениците, лицата во домашен притвор, болните и изнемоштените лица, како и лицата згрижени во старски домови. Од вкупно 8.856 болни и немоќни лица пријавени за гласање, до 20:30 часот гласале 7.935. Од 2.162 лица кои се во затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 1.400. Во установите за вонсемејна грижа, право на глас искористиле 297 од вкупно 442 пријавени лица.