За време на изминатиот викенд (11/12.10.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1.502 издадени платни налози, 958 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 13 лица, од кои четири за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и пет возачи за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 97 прекршоци за неправилно паркирање, 122 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 47 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле пет возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така санкционирани се 43 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 33 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а три заради техничка неисправност. Санкционирани се и пет возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.