5. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Групата Г7+ одржа итен состанок за помош на Украина по новите руски напади на енергетската инфраструктура

Групата Г7+, која беше формирана за координација и мобилизирање помош за Украина, одржа итен состанок по иницијатива на Министерството за енергетика на Украина. Причина за состанокот беа најновите масовни напади на Русија врз украинската енергетска инфраструктура, што дополнително ги влоши условите во земјата.

На состанокот присуствуваа повеќе од 100 претставници од земји и меѓународни организации, вклучувајќи ги САД, Канада, Германија, Франција, Холандија, Европската комисија, УНДП, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и Секретаријатот на Енергетската заедница, соопшти Министерството за енергетика на Украина, пренесува Перши канал на украинскиот јавен сервис.

Украинската страна ги информираше меѓународните партнери за последиците од најновите руски напади, кои целеле на критична инфраструктура, вклучувајќи објекти во нафтениот и гасниот сектор. Заменик-министерот за енергетика, Роман Андарак, истакна дека со интензивирањето на руските напади, потребата од мобилизирање меѓународна поддршка е уште поголема.

„Мора да продолжиме да користиме ефикасни механизми кои веќе се покажаа како успешни за брзо обезбедување помош“, изјави Андарак.

Во текот на состанокот, беше нагласено дека приоритетните потреби на Украина вклучуваат брзо обновување на оштетената инфраструктура, како и обезбедување на дополнителни количини гас, енергетска опрема за поправки и реконструкција, и унапредување на физичките и воздушните одбранбени системи на земјата.

Претставниците на Г7+ ја потврдија својата поддршка за Украина и се согласија да одржат дополнителен состанок во блиска иднина за понатамошна координација на заедничките активности.

Групата Г7+ за енергетика во Украина беше формирана во ноември 2022 година со цел координирање на меѓународната помош во обновата и заштитата на украинската енергетска инфраструктура. Нејзиниот состав вклучува земјите-членки на Г7, Европската унија, како и други меѓународни организации како Светската банка, ЕБОР и УНДП./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Масовен руски напад врз Украина, Полска подигна борбени авиони

C +

Турскиот парламент ќе разгледува закон за построги казни за малолетници кои извршуваат тешки кривични дела

C +

Кина ѝ испраќа разузнавачки податоци на Русија за попрецизни напади врз Украина, вели украински разузнавач

C +