3. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Трајановски: Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата во Аеродром

Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, на вчерашната трибина ги презентираше своите планови за целосна трансформација на општината, од чиста и зелена средина, дигитализирано образование до воведување локален сервис за парамедицинска помош.

„Заслужуваме чиста и зелена општина во која достоинствено ќе живееме!“, порача Трајановски, најавувајќи реформа на комуналните служби со зголемување на плати, нова опрема и редовно миење улици. „Аеродром мора темелно да се исчисти. Нема човек кој не се согласува со ова.“

Трајановски потенцира дека „вечерва ставаме крај на едно крајно недомаќинско и неодговорно управување со Општина Аеродром“. Тој истакна дека ќе стави крај на „жолтите и неискосени тревници, ѓубрето на секој чекор и отровниот воздух што не труе и нас и нашите деца”. Појаснувајќи дека Аеродром не смее да стане уште една скопска депонија, тој повика граѓаните да се борат за својот дом. „Аеродром е нашиот дом, и повторно ќе биде наша скопска гордост“

Трајановски најави изградба на две нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче и проширување на постојните, со цел да се реши проблемот со листите за чекање.

„Нема да дозволиме нови висококатници во најгусто населените делови. Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата“, порача Трајановски, додавајќи дека наместо тоа, општината ќе добие повеќе зеленило, игралишта и СМАРТ осветлување.

Во сообраќајот најави воведување „зона 30“ на сервисните улици, нови паркиралишта и катни гаражи. Во образованието најави дигитализација и укинување собирање средства од родителите за основни потреби.

Во здравството најголем новитет е воведување локален сервис за парамедицинска помош, што според него е потребно заради долгите чекања на брзата помош.

Посебен акцент стави на младите, формирање Фонд за млади и изградба на културен центар со кино, театар и изложбен простор.

Покрај тоа, најави изградба на нова општинска зграда за поефикасно да им се служи на граѓаните, како и подобрување на инфраструктурните врски со соседните општини.

„Мојот МЗТ, нашата аеродромска гордост, мора повторно да победува преку враќање на младинската школа и трајно решавање на проблемот со финансирањето “, рече Трајановски, повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври да го заокружат бројот 5.

Можеби ќе ве интересира

СДСМ со нови обвинувања за скандали за власта

ДЕСК

Царината со нови заплени, она што нашле цариниците при контрола е изненадувачко

ДЕСК

Студ, дожд и снег во делови од Македонија, па потоа голем ПРЕСВРТ: Метеоцентар со детална прогноза за следните 4 дена

ДЕСК